Женскиот кошаркарски шампионат на Македонија е во самиот финиш. Екипата на Вардар е првата која обезбеди пласман во финалето, додека актуелниот првак Баскет Кам ќе мора да игра „мајсторка“.

Ова е исходот од одиграните вторио натпревари во полуфиналната рунда од плејофот.

Вардарки по вторпат беа подобри од Куманово Гризли, сега на гостински терен, со 63:61. Најголемите заслуги за триумфот има кај најискусната кошаркарка, Славица Наков. Таа со петте поени во последните 74 секунди донесе комплетен пресврт.

Наков натпреварот го заврши со 11 поени, а прв стрелец во екипата беше Димитријевиќ со 14, додека Тасевска реализираше 13, а двоцифрена беше и Матие со 10 поени.

Вардар сега ќе го чека својот противник во финалето.

Тоа ќе биде подобриот од мајсторката меѓу Баскет Кам и Крива Паланка. Актуелниот шампион Баскет Кам, прв пат сезонава загубија од кошаркарките на Крива Паланка, со 71:77, па „мајсторката“ ќе решава за финалистот.

Во победничката екипа, Мазук реализира 20, МекКала 19, а Алексовска 18 поени. Кај гостинките, Зубац постигна 24.поени, Адамовска ја следеше со 18, додека капитенот Поп Димитровска додаде уште десет поени.