Вечерва ќе го дознаеме вториот финалитет во одбојкарскиот шампионат на Македонија во машка конкуренција.

Актуелниот првак Струмица својата работа си ја заври со двете полуфинални победи над Универзитет во Тетово. Вечерва пак мајсторка односно решавачки трет меч ќе играат Работнички и Штип УГД.

Работнички е поуспешен во меѓусебните дуели сезонава (4:2). Во основниот тек беше 3:0 во победи за скопјани, но Штип УГД славеше во полуфиналето на купот, а потоа и го освои пехарот.

Двата тима ја искористија предноста на домашниот терен. На првиот во Скопје, Работнички славеше со 3-1, на реваншот во Штип, УГД беше подобар со 3-0.

Дали и овојпат домашниот терен ќе биде пресуден ќе дознаеме по мечот што ќе почне од 20 часот, а ќе се игра во салата „Независна Македонија“ во ОУ Невена Георгиева – Дуња“ во Кисела Вода.

Кај дамите полуфиналето заврши во два натпревари. Струмица жени ја потврди фаворитската улога против Наковски волеј, а актуелните шампионки Работнички го совлада тимот на Јанта волеј.