Откако вчера во Скопје се одигра првиот полуфинален натпревар во Купот на Македонија, попладнево во Охрид ќе се игра вториот.

Екипите на Воска спорт и Македонија Ѓорче Петров денеска ќе го играат својот прв дуел од оваа рунда.

Охриѓани ќе го бркаат своето прво финале, додека ѓорчепетровци шестото. Тимот на Македонија Ѓорче Петров играше три од последните четири финалиња во Купот и освои два трофеи по ред. „Лавовите“ лани триумфираа во дуелот против Струга Тим Лим, а преклани (2022) против Силекс.

Двата тима играат во лоша форма, па затоа и се во долниот дел на првенствената табела. Но, куп натпреварите се друга „приказна“ и посебна инспирација. Ќе ја најдат ли фудбалерите на двете екипи, останува да видам во дуелот што ќе почне од 15 часот.

Потсетување дека вчера Шкупи и Тиквеш одиграа без голови 0-0 во првиот меѓусебен натпревар.