„Ако сакаш да успееш, мора да се надоградуваш постојано“


Желбата за спортот, не секогаш значи дека мора да бидете активен спортист, напротив. Постојат и други начини како да се биде дел од спортот, директни или индиректно.

Тоа најдобро го потврдува примерот на младиот Филип Босилков.

Иако има само 20 години, ова младо момче веќе е успешно во она што го работи, а тоа е кондиционен тренер.

Со спортот започна во кошарката, каде мина 11 години, но се преориентира, па од играч сега е тренер.

„Кошарка почнав да тренирам од својата седма година и играв се до мојата 18-та година. Во младинските категории, играв шест сезони во МЗТ Скопје и една сезона во екипата на Вардар. Но, кога ја играв последната сезона решив дека по завршувањето на сезоната ќе се посветам на тоа да почнам да учам како да станам кондиционен тренер. Тоа навистина ме привлекуваше“, започнува да ја раскажува својата приказна Босилков.

И сега ќе се прашате, како тоа, одеднаш се станува кондиционен тренер!? Но, во случајот на Филип, тоа не е така.

„Почнав многу да читам литература поврзана со таа професија и почнав посериозно да навлегувам во тајните на таа професија. Прво се запишав како редовен студент на Факултетот за физичка култура.

Во меѓувреме брат ми, како подарок ми уплати курс организиран од ФК Барселона кој траеше 9 месеци. Курсот го завршив во рок и се здобив со диплома како професионален кондиционен тренер.

Исто така паралелно со ова почнав да работам во фитнес клубот „Фит ин“ каде што сеуште работам и можам да кажам дека тоа ми е од огромна помош да го надградам своето знаење и каде што имам што да научам“, вели амбициозниот Филип.

Но, дека амбициите на ова младо момче да стане успешен во она што го сака, не запираат тука. Тој продолжува со едукација.

„Пред неколку месеци го завршив и еден од најпризнаените курсеви во светот и се здобив со сертификат за персонален тренер од американската НАСМ (National Academy of Sports Medicine).

И пак во кошарката!

„Од оваа сезона сум кондиционен тренер во втората екипа на МЗТ Скопје. Исто така сум ангажиран од Кошаркарската федерација на Македонија, да работам под посебна програма со 20 најталентирани кошаркари во Македонија, не постари од 20 години“.

Решителноста, амбициозноста и посветеноста во работата на младиот Филип се одличен пример, за она што во спортската наука го нарекуваат „Кариера по кариерата“.

„Мојата цел е да ја подобрам нивната физичка спремност и да ги одржувам здрави и подалеку од повреди. Јас сум доста млад тренер и секогаш сум спремен и расположен за уште поголемо надградување и напредок, затоа што ова е професија, во која што цело време има новитети. Сите тие текови мора да се пратат и имплементираат“.

Ова е само една од многуте успешни приказни во македонскиот спорт. 

На Филип му посакуваме многу успех, а ги мотивираме и повикуваме сите млади луѓе кои имаат вакви и слични успешни приказни да ни се обратат. 

Затоа што е ние постоиме токму за нив. 
sport+ logo