Нема повеќе непоразени екипи во ракометната Супер лига на Македонија. Вечерва во дербито на 4.коло ГРК Охрид, пред полна сала на домашен терен, го совладаа вицепрвакот Алкалоид со 30:26 (16:9).

Со овој пораз заврши серијата од 17 победи на исто толку натпревари на Алкалоид.

Воедно ова за охриѓани е прва победа во меѓусебните со Алкалоид откако тимот од Автокоманда претходно имаше шест победи. ГРК Охрид со оваа победа се проби на третата позиција на табелата, зад лидерот Еурофарм Пелистер и Алкалоид.

Резултатски неизвесно беше само во првите минути односно до резултатот 5:5, кога домашните почнаа да се „одлепуваат“, а 10:9 беше последната минимална предност. Тогаш избраниците на Стевче Алушевски направија серија од 6-0 и на полувреме домашниот тим водеше со 16:9. Во овој дел од играта доминираа интернационалците кај ГРК Охрид Словенецот Гал Цирар и Грузиецот Теимираз Орјоникидзе и голманот Даниел Ѓорѓевски.

Во вториот дел гостите за кусо намалија на 17:13 и 18:14, но повторно домашниот тим стигна до највисоките + 6 во вториот дел. На расположените Цирар и Орјоникидзе им се приклучи и Рудолф Шафранко.

До крајот на дуелот Алкалоид успеа да намали на четири разлика во неколку наврати и на три (29:26 во последната минута). Но, тоа не донесе неизвесност, особено што во последните пет минути голманот Ѓорѓевски, беше повторно на висината на задачата со неколку одбрани.

Цирар со 14 голови (7 од седум метри) беше најефикасен на дуелот, а Шафранко постигна 7 (5 во вториот дел). Извонреден на голот беше Даниел Ѓорѓевски со 13 одбрани. Кај Алкалоид најпрецизен беше Дамјан Митев со 7 (5 од седум метри).

СУПЕР ЛИГА (ПЛЕЈОФ) – 4.коло
ГРК Охрид – Алкалоид 30:26,
Вардар – Струга 29:20,
Е.Пелистер – Пролет 32:29
Бутел – Тиквеш 21:22.

ТАБЕЛА: Е.Пелистер 13 бодови, Алкалоид 12, Охрид 11, Тиквеш 10, Вардар 9, Пролет 3, Бутел 1, Струга 0.