Македонската женска репрезентација денес ќе го одигра вториот натпревар против Шпанија во  квалификациите за Европското Првенство.

На првата средба во Скопје пред три дена, Шпанија го потврди својот квалитет и фаворитската улога, па славеше со 31:19.

Селекторот Грчевски на реваншот нема да може да смета на Дабевска која се здоби со повреда на еден од тренинзите.

Грчевски воедно направи и измени во составот. За Шпанија не отпатуваат искусните ракометарки, Јована Саздовска, Елена Ѓорѓиевска и голманката Слободанка Кицевска.

На овој натпревар шанса ќе добијат левите бекови Марија Јанкуловска и Ива Божиновска како и младата Ива Младеновска.

Натпреварот меѓу Шпанија и Македонија е закажан со почеток од 18 часот, а ќе се игра во градот Ланцароте на Канарските Острови.

Ова е натпревар од 4.коло во групата „5“ во која денеска (15 часот) својот возвратен меч ќе го играат и Азербејџан и Литванија. На првиот натпревар Азербејџан ја совлада Литванија со 35:33.

Лидер на табелата е Шпанија со максимални 6 бодови, пред Македонија која има 4, Азербејџан 2, а Литванија е без бод.

Ивона Кимовска