Кога во прашање е кошаркарскиот Куп на Македонија, прва асоцијација се екипите на Работнички и МЗТ Скопје Аеродром. Двата тима досега имаат освоено вкупно 21 трофеи, но црвено-белите последен пат тоа го сторија 2019-тата. 

Ривалството на овие две екипи е „класика“ во мак-баскетот, но само еден од нив може да финалето. Евентуална пресметка тие би имале во полуфиналната рунда. 

Сепак, двата тима прво мора да го минат четвртфиналето, во кое Работнички за противник ќе ја има екипата на ТФТ. 

„За противник во четвртфиналето имаме познат тим со кого веќе игравме два пати во првенството.

Два пати победивме, но тоа ништо не значи на вакви натпреварувања во кои секогаш се можни изненадувања и сите се со исти амбиции“, вели младиот Андреј Шошкиќ. 

Поразите во шампионатот, се минатото, па во таборот на ТФТ сметаат дека куп натпреварот ќе биде сосема поинаква „приказна“. 

Тимот од скопската населба Тафталиџе потајно верува дека може да се повтори 2022-та и повторно да се израдува на трофејот.

„Од Работнички станаа малку здодевни, но тоа е судбина, нон стоп сме заедно.

Имаме подготвено тактика против нив уште од последниот АБА ‘балон’ и мислам дека имаме големи шанси да поминеме во следната фаза, а таму да се сретнеме со МЗТ Скопје“, вели капитенот на ТФТ, Енис Нури. 

Почетокот на натпреварот Работнички – ТФТ е закажан во 17 часот, а може да го гледате ВО ЖИВО ОВДЕ.