Бранителот на трофејот во кошаркарскиот Куп на Македонија, МЗТ Скопје Аеродром е првиот полуфиналист на годинашното издание.

Во првиот натпревар од четвртфиналето МЗТ лесно се справи со Гостивар совладувајќи го со 91-76.

Освен првата четвртина во која гостиварци беа за нијанса подобри (23-24), се останатото мина во знакот на МЗТ. Веќе на полувремето МЗТ замина со +14 (54-40). Вториот дел беше само чиста формалност па МЗТ на крајот заслужено славеше со 15 поени разлика 91-76.

Американецот, Вилијамс од тимот на Гостивар со 23 поени беше најефикасен на натпреварот. Во победничката екипа Далалиќ постигна 22, а по 13 поени додадоа Робев, Тансковиќ и Ворку.

МЗТ Скопје сега ќе го чека исходот од дуелот број 3, во кој Работнички за противник ќе го има ТФТ (17 часот).

Претходно (14.30 часот), Еуро Никел и Чаир ќе го одиграат својот натпревар, а четвртфиналето ќе го заокружат Пелистер и Феникс (19.30 часот).