Кошаркарите на МЗТ Скопје по голема драма и дополнителни 5 минути игра го добија дербито од 16.коло против Еуро Никел.

Во последниот натпревар од оваа рунда, одигран во Кавадарци, шампионот МЗТ славеше со 99-88 откако регуларниот дел заврши нерешено 79-79.

Секој од тимовите доби по два периоди од натпреварот. Во првиот домаќините беа подобри за два, а во вториот и третиот гостите за осум. Така во последниот период аеродромци влегоа со предност од 63-57. Сино-белите постојано ја одржуваа предноста, се до самиот финиш.

Во последните 24.секунди вистинска драма. Врањеш со трите реализирани слободни фрлања намали на 77-78. На спротивната страна Ворку на 18.секунди до крај реализира едно од двете слободни фрлања. Во следниот напад на 4.секунди до крајот беше направен прекршок над домашниот кошаркар Дубински кој се избори за израмнување (79-79). Шут за победа на МЗТ имаше Делалиќ, но безуспешен.

Во продолжението. Со петте тројки на браќата Стојановски, МЗТ повторно се одлепи 88-81. Немаа сили домаќините за повторен „кам-бек“, па шампионот славеше со конечни 99-88.

Србинот, Танасковиќ со 22 поени и 9 скока беше најдобар поединец во победничкиот тим. Војдан Стојановски заврши со 20 (4 од 4 за тројка). Кај кавадарчани, воедно и на натпреварот, Дубински беше прв стрелец со 26 поени.

По двата врзани пораз во вториот дел од сезоната, за МЗТ ова е прва победа, а вкупно 13-та со која избива на 1.место на табелата.

Еуро Никел и Работнички со една победа помалку се на втората и третата позиција, а по нив следуваат Пелистер и Чаир со скор 11-5.