Пред утрешниот старт на вториот дел од сезоната во Втората кошаркарска лига, екипата на Шкупи доведе големо засилување.

Имено чаирчани го ангажираа Оливер Двојаковски. Некогашниот младински репрезентативец кој денеска полни 27 години е новото име во составот на Шкупи.

Станува збор за искосен играч кој игра на позициите 3 и 4, кој зад себе има и долгогодишно прволигашко искуство.

Двојаковски во првиот дел од сезоната го носеше дресот на кавадаречки Еуро Никел. Тој на 12-те натпревари одигра просечни над 12 минути што е мала минутажа, па затоа (најверојатно) реши и да ја смени средината. Двојаковски беше дел и од екипите на Пелистер и Академија ФМП.

Инаку, тимот на Шкупи претходно го ангажира и Мухамед Тачи кој исто така ги мина сите младински селекции, а лани играше за прволигашот Чаир.

Со тоа Шкупи најавува амбиции за пласман меѓу двете екипи кои ќе атакуваат на место во Првата лига.

Чаирчани утре се домаќини на Ангели во дербито на колото.