Со одигрувањето на натпреварите од четвртфиналето, познати се полуфиналните парови на Европското ватерполо првенство.

Шампионатот по вторпат во низа се одржува во Хрватска, а завршницата сега се игра во Загреб.

На задоволство на домашната публика, селекцијата на Хрватска ќе го брани златото од пред две години освоено во Сплит. Хрватска. Во четвртфиналето Хрватите убедливо со 13-8 ја совладаа Грција и закажаа полуфинале со Унгарците.

Тие пак по голема драма и со многу среќа во изведувањето на пеналите беа подобри од Србија со 15-14 (10-10 разуларен дел).

Дуелот меѓу Хрватска и Унгарија ќе биде реприза на финалето од пред две години.

Место меѓу четирите најдобро обезбедија Шпанија и Италија кои ќе го сочинуваат второто полуфинале.

„Црвената фурија“ ја демолира Романија со 24-7, додека Италија беше подобра од Црна Гора со 14-8. Потсетување дека Шпанија и Италија на претходниот европски шампионат играа во дуелот за бронзениот медал кој го освоија Шпанците.

Полуфиналните натпревари на програмата се во недела (14 јануари), а дуелите за медал ќе се играат на 16 јануари (вторник).