Ракометарките на македонскиот првак ЖРК Ѓорче Петров се пред нов предизвик и попладнево го играат првиот осминафинален дуел од Европскиот куп. Противник им е чешката екипа Хазена Кинжварт. За македонската екипа пласманот во оваа рунда значи повторување на ланскиот пласман, но сега ова е шанса за чекор напред.

За ривалот капитенот на екипата Анастасија Николовска изјави:

Направивме добра анализа на противникот, имавме и доволно време бидејќи името на противникот го знаевме од пред еден месец.

Сметам дека добро сме подготвени за предизвикот што не очекува.

Видовме кои се добрите страни на противникот и во нападот и во одбраната, но ги видовме и нивните слаби точки.

Но, она што е најважно за да стигнеме до победа, мора ние да одиграме одлично во одбраната и да имаме добра транзиција, само така може да се победи. Тоа ќе ни овозможи да ја играме нашата игра.

Во подготовката на дуелот мали здравствени проблеми на стручниот штаб на чело со тренерот Симе Симовски му правеше грипот, бидејќи постојано имаше некоја ракометарка отсутна од некој тренинг, но Симовски очекува сите ракометарки да бидат подготвени за вечерашниот дуел.

Натпреварот почнува во 18 часот и се игра во салата Автокоманда.

Ивона Кимовска