Македонската интернационалка Симона Василева повторно ќе го облече дресот на босанскиот шампион ЖРК Груде.

По краткиот интернационален ангажман во грчкиот тим Атинаикос, каде што настапуваше во А2 лигата и помогна екипата да се врати во најсилната А1 категорија, Василева реши повторно да се приклучи на тимот од Груде.

Василева е ракометарка која може да игра на сите бековски позиции и претставува големо засилување за екипата. Таа ја започна својата кариера во школата на Металург, по што настапуваше за ЖРК Спартак, каде беше капитен две сезони.

Во 2021 година потпиша двегодишен договор со Ѓорче Петров и со тимот го освои првото место во женската Супер лига. Една сезона беше дел и од ЖРК Вардар, каде остави одличен впечаток.

,,Среќна сум што повторно сум дел од ЖРК Груде. Овде се чувствувам одлично и верувам дека заедно со соиграчите ќе оствариме уште многу успеси,“ изјави Василева по потписот.

Со враќањето во Груде, Василева ќе биде голема поддршка за амбициите на клубот и ќе донесе искуство и стабилност во играта на тимот.

Ивона Кимовска

Следете нé на социјалните мрежи