Селекторот на машката ракометна репрезентација Кирил Лазаров е задоволен од досегашниот тек на подготовките за претстојното Европско првенство во јануари. 

Засега се тече според планот вели селекторот, кој вистинската форма ќе може да ја види во контролниот натпревар против Црна Гора.

Задоволен од она што го сработивме досега. Работевме на нападот, одбраната, контра напад, како и на физичката подготвеност.

Максимално го искористивме времето да го сработиме и тоа бидејќи имаме играчи од различни клубови и мораме за што пократок период да ги доведеме на едно исто ниво. Секако дека имам појасна слика, имаме доволно време до почетокот на ЕП.

Црна Гора е квалитетна репрезентација со квалитетни индивидуалци и тој меч добро ќе ни послужи како еден вистински тест за она што го сработевме на овие подготовки. 

Задоволен сум од атмосферата што владее во националниот тим, тука имаме идеални услови за подготовки, имаме време и за тренинг и за одмор, како и за тим-билдинг.

Кога имате такви услови, секако дека тоа позитивно се одразува на самата атмосфера во екипата“,

истакнува селекторот Кире Лазаров.

Контролниот натпревар против Црна Гора е закажан за 29 декември, по што ракометарите се враќаат во Македонија.

По новогодишните празници во Скопје ќе ги продолжат подготовките. Црвено-жолтите ќе одиграат и два контролни натпревари со Грција на 4 и 5 јануари. Првиот ќе биде од отворен карактер, а влезот на натпреварот во салата Борис Трајковски ќе биде слободен 17 часот..

Македонија на европското патува на 8 јануари, а на 10 го игра првиот меч со Франција, Црвено-жолтите за противници во групата ќе го играат и домаќинот Германија, како и селекцијата на Швајцарија.