Попладнево во Кратово и Охрид се одиграат двата заостанати натпревари од 15.коло во Првата фудбалска лига.  Ова се дуелите кои пред десетина дена беа одложени, а поради снежните врнежи во Македонија. 

Силекс со пресврт славеше во дуелот со Вардар, додека „езерското“ дерби Струга ТЛ со гол во од пенал во деветтата минута од судиското дополнение ја победи Воска спорт. 

Во Кратово, како и што се очекуваше интересен натпревар одиграа Силекс и Вардар, а на победа се радуваа домаќините. Вардарци беа оние кои први поведоа. Во 14-тата минута, а по корнерот од десната страна на вистинското место се најде Мишковски кој им донесе предност на скопјани. 

Не траеше долго радоста на гостите бидејќи Каланоски со два гола, го сврте резултатот во полза на Силекс. Првиот го постигна во 20-минута со прекрасен удар со глава. Вториот следуваше во 27-та минута, откако не го реализира пеналот, Каланоски во повторниот обид го совлада Гачевски за водство од 2-1 за Силекс. Во вториот дел односно 77.минута со евроголот на Серафимовски кратовци поведоа со 3-1. Во самиот финиш на натпреварот односно 89.минута Јусуфи го изненади домашниот голман Андонов и ги постави конечните, Силекс – Вардар 3-2.

Во соседското дерби меѓу Струга Трим Лум и Воска спорт минимална победа славеше шампионот. Единствениот гол на мечот беше постигнат во 99-тата минута од пенал, а стрелец беше Згуро. 

По овие резултати, има промени на табелата. Сега Струга е лидер со 36 бодови еден повеќе од Шкупи, а четири од Шкендија. По нив следува Силекс кој сега има 27 бодови. Вардар и воска останаа на своите позиции. Вардарци се последни со 14, а Воска е претпоследна со 17 бодови, колку што има и 10-то рангираната Брегалница.