Вицепрвакот Алкалоид ја продолжи победничката низа во Супер лигата која сега изнесува десет натпревари. Попладнево Алкалоид славеше победа во Битола над вториот тим на Еурофарм Пелистер и остана со максимален учинок.  

Во воведниот натпревар од 10.коло Алкалоид го победи Пелистер 2 со 36-31. Уште од самиот старо гостите поведоа со 3-0 и најавија дека победникот на овој меч не е под прашање. Алкалоид ја контролираше играта, а со тоа и резултатот во целиот натпревар и на крајот заслужено се радуваше. 

Мартин Серафимов со 6 и Марко Стојковиќ со 5 голови беа најефикасните ракометари на натпреварот и во победничката екипа. За пелистерци Алем Хоџиќ постигна 4 гола и беше најефикасен. 

Ова беше последна контрола за избраниците на Кирил Лазаров пред новиот европски предизвик. Имено веќе во вторник Алкалоид ќе го одигра третио натпревар во Европската лига, а во Скопје ќе го пречека данскиот Силкеборг. 

Во овие моменти во СЦ „Јане Сандански“ својот натпревар од 10.коло во играат Голден Арт и шампионот Еурофарм Пелистер. 

И во наредните три дена ќе се играат по два натпревари во двете групи.