Машката македонската ракометна репрезентација се собра во Скопје, каде ќе одработи мини подготовки за двомечот со Грција.

Имено во рамките на ЕХФ неделата, Македонија и Грција ќе одиграат два контролни натпревари. Дуелите ќе се играат во Солун на 3 и 4 ноември.

Селекторот Кирил Лазаров попладнево ја имаше првата прозивка на 22-цата ракометари кои се најдоа на неговиот поширок список.

Најголемиот дел на ракометарите доаѓаат од македонските клубови. На списокот се само четворица интернационалци, Никола Митревски, Филип Кузмановски, Филип Талески и Никола Костески.

Тимот ќе се комплетира вечерва, а последен ќе се приклучи голманот Митревски.

,,Овие натпревари се добредојдени, да провериме до каде и каква е моменталната форма на ракометарите. Тоа во суштина е изборот што го имаме во моментов. Јас на списокот имам вкупно 30-мина ракометари, дел од нив сега се резерви. Тоа не значи дека ако имаат добри настапи, нема да видат во потесниот избор за Европското. Но, има време се до 21 декември, кога официјално ќе почнеме со подготовките за шампионатот”, изјави селекторот Лазаров.

Овие натпревари ќе послужат Лазаров да направи увид во формата во која се ракометарите кои ќе претендираат за настап на ЕП 2024 година.