Фаворитите, Баерн Минхен и Интер победнички го отворија 2.коло во најелитното натпреварување Лигата на Шампионите.
Баварците во вториот дел успееја да го скршат отпорот на жилавиот Галатасарај. Баерн со 1:3 славеше голема победа на незгодното гостување во Турција.
Успешен настап и втора победа во групната фаза впиша и Интер, кој на домашен терен со 2:1 го совлада Салзбург.
Дуелот на двете првопласирани екипи, одигран Истанбул, предизвика големо внимание. Дополнително се вжештија страстите по судирот на навивачките групи на двата тима во пресрет на натпреварот.
Таквата атмосфера се чувствуваше и на теренот, а први погодија гостите. Преку Коман во осмата минута баварците дојдоа до предност. Одговорот на Галатасарај дојде 22 минути подоцна. Мауро Икарди со „паненка“ го реализираше ударот од 11 метри за 1:1.
Во вториот дел, Баерн беше далеку подобар ривал. Преку Хари Кејн во 73-тата и Мусиала во 79-тата минута дојде до 1:3 и големи три бода, со што е осамен на врвот со девет бода, Галатасарај пак има пет и на втората позиција.
Уште еден речиси рамноправен натпревар се одигра во Милано, каде домаќинот Интер со силни маки успеа да ги запише планираните три бода и да избие на челната позиција во групата.
Избраниците на Симоне Инзаги го отворија резултатот во 19-тата минута, кога Фратези додаде а искусниот Алексис Санчез погоди за предност од 1:0.
Овој резултат беше на сила се до 57-та минута кога Глукх изедначи на 1:1. Сепак радоста на гостите од Австрија не траеше долго, затоа што седум минути подоцна, Интер доби пенал, а сигурен реализатор беше Хакан Чалканоглу.
Интер до крајот успеа уште еднаш да ја затресе противничката мрежа и тоа преку Лаутаро во 80-тата минута, но неговиот гол беше поништен по реакција на ВАР.