19-годишната Марија Василевска во претстојната сезона ќе ги брани боите на својот „матичен“ клуб Вардар ЕМ.

Василевска која е 2004 година, со своите 183 сантиметри, веќе ги руши сите одбојкарски бариери на македонската спортска сцена.

Настапува на позиција среден блокер во тимот, а нејзиниот вонсериски талент беше откриен многу одамна.

„Главни виновници” за брзата експанзија на Марија се тренерите Емилија Јаничиќ и Мирјана Стефановска.

Тие несебично и посветено работат во ЖОК Вардар ЕМ со амбициозната Марија уште од нејзините почетоци во 2013 година.

Љубовта и страста кон одбојката започна уште од деветтата година на младата македонска репрезентативка. Таа во нејзиниот матичен клуб Вардар ЕМ ги помина и сите младински категории.

Вардар и Марија речиси секоја година учествуваа на завршните турнири во младинска категорија, а Василевска притоа освои еден куп на медали.

Во сезоната 2020/21, Марија го понесе признанието најдобар среден блокер на турнир.

Добрите игри во клубот беа главната препорака на Василевска за континуирани настапи во сите категории на младинските репрезентации.

На 16 години, таа дебитираше и во сениорска конкуренција. Во сезоната 2019/20 настапуваше во Првата лига во тимот на ЖОК Вардар.

Следната сезона, 2020/21, Василевска во сениорска конкуренција ги бранеше боите на Јанта волеј.

Меѓутоа не го заборави ниту својот матичен клуб Вардар ЕМ каде што настапуваше во младинските категории.

Последните две години Василевска комплетно се врати во својот матичен клуб Вардар ЕМ, со кој вредно работи за предизвиците во новата сезона.

Нејзините успешни настапи, брилијанти партии и поени како на клупско така и на репрезентативно ниво, го привлекоа вниманието на неколку домашни и странски екипи.

Нема да биде никакво чудо доколку Марија по завршувањето на сезоната реши да ја продолжи својата успешна кариера во странство.