Италијанецот Марко Безеки е победник на првата историска Мото ГП трка што се возеше во Индија на патеката Буда.

Пуленот на легендарниот Валентино Роси стигна до третата победа оваа сезона пред Шпанецот Хорхе Мартин од тимот на Прамак Дукати и Фабио Квартараро од Јамаха.

На тој начин тој го комплетираше совршениот викенд, триумфирајќи во главната трка и во квалификациите.

Безеки на стартот ја загуби првата позиција од Бањаја и Мартин, но веќе во следниот круг си ја врати и не ја испушти до крајот на трката.

Со сигурно возење успеа да им се одлепи на Бањаја и Мартин кои водеа битка за второто место скоро 15 кругови.

Но, на осум круга до крајот откако го помина Мартин за второто место, шампионот Бањаја падна и ја заврши трката.

На крајот Безеки славеше победа со предност од околу девет секунди пред Мартин.

Најдобрата 10-ка ја заокружуваат, Биндер, Мир, Зарко, Морбидели, Вињалес, Марк Маркез и Фернандез.

Па така по падот на Бањаја трката за титулата е отворена. Сега разликата помеѓу Бањаја и Мартин се стопи и моментално изнесува само 13 поени.

Бањаја останува лидер во генерален пласман со 292 поени, пред Мартин со 279, додека Бецеки е трет со 248 поени.

Следната трка се вози веќе претстојниот викенд кога на програмата е трката на патеката Мотеги за ГН на Јапонија.