Одбојкарките на Србија доживеаја пораз кој не боли од домаќинот на турнирот Кина со 3-1 во сетови.

Но, и покрај поразот тие на крајот се радуваа на пласман на Олимпискиот турнир во Париз 2024 година.

Кинеските одбојкарки беа подобри во четири сета (23:25, 25:22, 25:14, 25:22) и во групата го освоија 4-тото место кое сепак не води на Олимпијадата.

И покрај лошиот резултат, избраниците на Џован Гуидети славеа по мечот поради тоа што веќе ја обезбедија визата за Париз.

Србија квалификациите за Олимписките игри ги заврши со учинок од пет победи и два порази, на второто место на табелата.

Единствена подобра селекција е Доминиканската Република која има шест победи и само еден загубен натпревар токму од Србија.

Во другата група во борба за првите две места на табелата во директен дуел Бразилките ги победија Јапонките во неизвесен меч со 3-2 во сетови.

Tака во конечниот пласман во групата Б, Турција и Бразил одат во Париз.

Американките го потврдија статусот на фаворит против Германките и со победа од 3-1 се пласираа на Олимпискиот турнир.

За последното место, од оваа квалификациска рунда, кое води во Париз, во директен дуел Полска ја надигра Италија со 3-1 во сетови.

Со тоа така познати се сите патници на женскиот одбојкарски турнир на Олимпијадата во Париз.

По квалификациите пласман обезбедија Србија, Доминикана, Турција, Бразил, САД и Полска.

Покрај споменатите селекции, и домаќинот Франција, на Игрите ќе учествуваат и уште пет репрезентации. Тие ќе бидат познати по прелиминарната фаза од Лигата на нации во јуни следната година.