Ништо од четврт-финале. Македонската кадетска репрезентација е поразена од Словенија во осминафиналето на ЕП за кошаркари до 16 години во Скопје.
Словенците беа далеку подобар противник и на крајот заслужено славеа со 35 поени разлика (100-65).
Уште од самиот старт гостите со водството од 14-0, најавија во кој правец ќе оди натпреварот. На првата пауза имаа +15 (25-10), а на полувремето Словенците имаа и двојна разлика (56-28).
Вториот дел младите Словенци рутински го одработена, иако црвено-жолтите ја добија третата четвртина со 22-15. Тоа само ги разлути гостите кои во последната возвратија со 29-15, за конечни 100-65.
Кога повеќе се размислува за индивидуалниот ефект (само на постигнати поени), а воопшто не се ангажира во одбраната, епилог освен овој не може да има друг.
Така сега македонските кадети ќе мораат по потешкиот пат да стигнат до целта. Тоа е опстанок во елитната „А“ дивизија.
За да го остварат тоа во разигрувањето за пласман (од 9 до 16 место), ќе мора да ги избегнат последните три позиции.
Првата голема шанса ќе ја имаат утре во дуелот со поразениот од натпреварот меѓу Шпанија и Летонија.