Македонската пливачка Ева Петровска се пласира на 32.та позиција во вкупниот пласман во дисциплината 800 метри слободно на Светското првенство во спортови на вода што се одржува во Фукуока. Таа во квалификационата група 1 исплива време 9:06.00 минути, што е послаб резултат од нејзиниот најдобар резултат – 8:59.02 минути. Во квалификациите во оваа дисциплина се појавија 34 натпреварувачки.

Победничка во нејзината група беше Диана Тажанова од Казакстан со резултат 8:51.46 минути, додека најдобро квалификациско време имаше Американката Кејти Ледецки – 8:15.60 минути.

Утре во квалификациите од македонските пливачи ќе се појави Андреј Стојановски во дисциплината 50 метри грбно.