Миа Блажевска Еминова и Никола Ѓуретановиќ настапија денеска во квалификационите трки на Светското првенство во спортови на вода што се одржува во Фукуока, Јапонија. И двајцата го освоија 44.то место во своите дисциплини и имаа послаби резултати од нивните најдобри.

Блажевска Еминова пливаше во третата од седумте групи во дисциплината 50 метри грбно и исплива време 30.41 секунди (нејзино најдобро време и е 29.63), а победничката во групата Ји-Ен Ву од Тајпех имаше резултат – 29.28 секунди. Најдобро време во квалификациите имаше Американката Реган Смит – 27.31 секунда. Во оваа дисциплина стартуваа 61 пливачка.

Ѓуретановиќ пак го имаше својот втор настап на СП откако првиот ден настапи на 400 метри слободно. Денеска во трката на 200 метри мешано исплива време 2:13.17 минути (најдобро негово време е – 2:11.79 минути). Победник во неговата втора група од шест групи беше Бернард Тилер Кристиансон од Панама со резултат – 2:04.71, а најдобар резултат во квалификациите имаше Британецот Скот Данкан – 1:57.76 минута. На стартот на оваа дисциплина се појавија 48 пливачи.

Од македонските пливачи Блажевска Еминова ќе има уште еден настап утре во трката на 100 метри слободно, а покрај неа на стартот ќе се појави и Андреј Стојановски на 200 метри градно.