По многу неизвесности македонската пливачка експедиција составена од четири пливачи и еден тренер отпатува за Фукуока, Јапонија каде ќе биде дел од Светското првенство во спортови на вода. Македонија ќе ја прествауваат: Миа Блажевска Еминова (17 години), Ева Петровска (18), Никола Ѓуретановиќ (15) и Андреј Стојановски (18).

Разврската околу обезбедувањето средства за патување и сместување беше разрешена пред неколку дена и буквално во „последен момент“ македонските пливачи тргнаа да бидат дел од големиот настан. Евентуалното не учество на пливачи од Македонија ќе повлечеше и тоа македонски пливачи да немаат право на настап ниту на Олимписките игри следната година во Париз. Проблемот околу обезбедувањето средства доаѓа од блокираната сметка на Пливачката федерација.

Ја поминавме „македонската голгота“. Пливачите се добро подготвени и очекувам да испливаат „PB“ (лични рекорди) и македонски (национални) рекорди, другите пливачи веќе се во Фукуока и се аклиматизираат, а ние ќе стигнеме во петок, а Никола и Ева веќе во недела ќе имаат и настап. Очекувам се да биде во ред со аклиматизацијата. Посакувам ова да биде „последно“ вакво заминување на големо натпреварување бидејќи овие пливачи се амбасадори на Република Македонија. Воедно очекувам решавање на проблемот со блокираната сметка, а искажувам благодарност до невладината организација „Куќа на среќата“, родителите на децата и на Агенцијата на млади и спорт, кои помогнаа за организираното патување за Фукуока, изјави тренерот Илија Стојановски, кој на ова првенство ќе биде и шеф на делегација.

Ева Петровска на првенството ќе плива во две дисциплини 400 и 800 метри слободно.

Оваа сезона со подготовки ја почнав во јануари и се е подредено на настап на ова првенство за да имаме добар резултат. Секако чест е „да се дели“ базенот со сите големи пливачки ѕвезди во светот во моментов, конкретно за мене ќе биде убаво искуство и секако нешто да се научи, изјави Петровска

Миа Блажевска Еминова ќе настапи во дисциплините 50 грбно и 100 слободно.

Дел од подготовките ги имав во САД, сите тренинзи беа наменски за добар настап на ова првенство. За сите нас ова е големо искуство, а самото присуство таму ќе придонесе и адреналинот да се крева и се да биде одлично, напомена Блажевска Еминова.

Никола Ѓуретановиќ е најмладиот од целиот тим и ќе се појави во квалификациите во две дисциплни – 400 слободно и 200 мешано.

Многу сум горд што на 15 години ќе можам да ја претставувам Македонија на вакво натпреварување. Мислам дека сите можеме до лични рекорди, секако и до некој македонски рекорд. Во добра форма сме сите. Во таа атмосфера таму имаме мотиви за подобар резултат, истакна Ѓуретановиќ.

Андреј Стојановски е пливачот кој последен од македонските пливачи ќе има старт во своите дисциплини – 200 градно и 50 грбно.

Очекувам сите да имаме подобри резултати. Ова е натпревар за кој се подготвувавме цела година. Одлично е чувството да се плива со најдобрите имаме и мотив да бидеме до тие што сме ги гледале на телевизија, изјави Стојановски.

Македонските пливачи ќе настапат во следниве дисциплини (по денови):
23.јули (недела) Ева Петровска (800 слободно) и Никола Ѓуретановиќ (400 слободно)
26.јули (среда) Миа Блажевска Еминова (50 грбно) Никола Ѓуретановиќ (200 мешано)
27.јули (четврток) Миа Блажевска Еминова (100 слободно) Андреј Стојановски (200 градно)
28.јули (петок) Ева Петровски (800 слободно)
29.јули (сабота) Андреј Стојановски (50 грбно)

Квалификациските трки се пливаат во 10:30 часот (локално време).