Фудбалерите на Шкупи утре формално треба да го потврдат пласманот во втората рунда од квалификациите за Конференциската лига.

Вице-првакот има убедливи 5-0 по првиот натпревар со литванскиот Хегелман што им гарантира мирен реванш дуел.

Иако работата е „завршена“ сепак од таборот на Шкупи велат дека ќе одиграат максимално.

„На првиот натпревар кој го добивме со 5:0, одлично одигра Цефас. Без разлика на резултатот од првиот натпревар, мора да извлечеме добар резултат и на реваншот. Мислам дека во ќе биде многу потешко од првиот дуел. Сите играчи се подготвени. Зависи од резултатот, можеби ќе им дадеме шанса и на резервистите. Натпреварот е важен, за нас, за државата, за навивачите како на спортски, така и на економски план. Секој успех во УЕФА натпреварувањата е економски плус“, изјави тренерот Чихат Арслан .

Јамајчанецот, Реналдо Цефас кој постигна четири од петте голови на првиот натпревар, најавува дека чаирчани ќе играат како да е 0-0.

„Се подготвувавме цела недела, не само физички, туку и психички. Знаеме дека имаме убедлива предност, но двомечот сѐ уште не е завршен. Утре треба да влеземе во игра како резултатот да е 0:0“, изјави Цефас.

Натпреварот Шкупи – Хегелман ќе се игра на арената „Тодор Проески“ утре со почеток од 21 часот.