Анџелика Митрашиновиќ е нов играч на најдобриот женски кошаркарски колектив во Словачка – Плештанске Чајки.

Капитенот на нашата женска сениорска репрезентација се согласи на едногодишна соработка со актуелниот шампион на Словачка

„Слушнав само добри работи за Пjeштaнски Чајки. Ми кажаа и за тоа дека имаат одлични навивачи. Затоа решив да дојдам во оваа средина, со толку добра атмосфера и капацитети. Се надевам дека ќе успееме да ја освоиме шампионската титула и повторно да биде освоен и словачкиот Куп. Во Еврокупот очекувам да постигнеме добри резултати“ – изјави новото засилување на најдобрата женска екипа во Словачка во изминатите години.

Искуството и лидерството на Митрашиновиќ од настапите на нашата репрезентацијата (просек од речиси 19 поени, шест скока, три асистенции и две украдени топки) од неодамнешните квалификации за ЕП 2023 треба да бидат соодветна поддршка за младата селекција на „галебите“.

„Таа доаѓа како една од замените за играчите кои си заминуваат. Верувам дека ќе го покаже својот потенцијал кој го докажа во АБА лигата и во француската лига. Таа е играч кој може да постигне кош. Со одличен увид во играта. Таа е веќе искусна, па и јас верувам во нејзиното искуство и со нетрпение очекувам да работам со неа. Сите се надеваме дека таа ќе биде предност за овој тим“ – вели тренерот на Плештанске Чајки, Петер Јанковиќ.