По една деценија кошаркарите на Партизан повторно се шампиони на регионалната АБА лига.
Во мајсторката одиграна во преполната „Штарк“ арена пред рекордни 22,198 гледачи, црно-белите славеа против вечниот ривал Црвена Звезда со 96:85 и со 3-2 во победи ја завршија финалната серија. Со оваа победа Партизан стигнаа до шампионскиот пехар што го чекаа цели 10 години.

Партизан тргна фуриозно уште на стартот на мечот, темпо кое Црвена Звезда не можеше да го следи, а домашниот тим одлично шутираше од линијата за три поени.

Партизан првото полувреме го заврши со +20, постигнувајќи дури 9 тројки од 16 обиди, за водство од 54:34, што се покажа како решавачко.

Во второто полувреме црвено-белите направија обид да се вратат во игра. Третиот дел целосно му припадна на гостинскиот состав, предводен од тренерот Душко Ивановиќ, а Кампацо со тројката со звукот на сирената ја симна предноста на Партизан на достижни -7 (75:68).

Звезда стигна и до (-4) кога и имаше напад за целосно враќање на мечот (79:75), но тука и застана. Немаше кај црвено-белите сили за комплетен пресврт, со што Партизан во продолжение само ја потврди победата и конечно затворање на финалната серија.

На крајот, победа за Партизан со 96:85 со кока повторно се шампиони на АБА лигата по 2013-тата. 

Кевин Пантер беше лидер на Партизан и мечот го заврши со 32 поени, Ледеј даде 15, а Нанали 12 коша. Кај Црвена Звезда, Добриќ заврши со 18, Бентил 12, а Кампацо 10 поени.

За МВП на финалето е прогласен Кевин Пантер од Партизан.

Со овој трофеј Партизан стана рекордер по бројот на освоените пехари во АБА лигата со вкупно седум, а Црвена Звезда остана на шест титули.

Со самиот пласман во финалето на АБА лигата, следната година и двете екипи ќе ги видиме во кошаркарската Евролига.

Томислав Атансовски