Македонската женска репрезентација постигна победа од 2:1 во дуелот со Финска од третото коло од Третата Европска зона од Били Џин Кинг купот.

Тие решавачкиот поен го освоија во играта во двојки кога Лина Ѓорческа и Магдалена Стоилковска ги надиграа противничките од Финска Лаура Хиетаранта и Анастасија Куликова со 2-0 во сетови (6:4 и 6:1). Со оваа победа Македонија е прва во групата со максимален учинок од три победи.

Во решавачкиот дуел во двојки во првиот сет Финска поведе со 2:1, но потоа следуваше серија од четири гема за Ѓорческа и Стоилковска кои дојдоа до предност од 5:2, за потоа противничките да направат брејк и да стигнат до 5:4. Сепак 10.гем им припадна на македонските тенисерки кои сетот го добија со 6:4.

Во вториот сет при резултат 2:1 за Македонија сервираше Ѓорческа се одиграа 18 поени и на крајот гемот им припадна на нашите тенисерки кои ја продолжија низата и сетот го завршија со 6:1 во гемови. Мечот траеше 1 час и 28 минути.

Во сингл мечевите Стоилковска загуби од Хиетаранта со 2-0 во сетови, а Ѓорческа ја совлада Куликова со 2-1 во сетови со пресврт откако губеше 1-0.

Утре Македонија во четвртото коло игра против Исланд.