Заврши паузата на машката одбојкарска репрезентација. Откако пред домашната публика во Скопје, забележаа две победи, на ред се сега две гостувања на нашите одбојкари.

Првото, вечерва е во Шерлероа, кај Белгија репрезентацијата против која избраниците на селекторот Јошко Миленковски ја остварија првата победа во своето деби учество во Европската Златна лига.

Иако навидум лесно (3:1 во сетови) славевме во првиот меч, сепак резултатски по сетови не беше така.

Противникот сега ќе ја има и поддршката од домашната публика, па тоа ќе биде уште еден во низата „испити“ кај професорот Миленковски, како да одиграме со рамноправен противник на гостински терен?

Дали „студентите“ на Јошко ќе го „положат“ и овој испит останува да видиме, по мечот што ќе започне од 18 часот.

Вториот натпревар од оваа рунда во А групата меѓу Хрватска и Украина ќе се игра в недела од 20 часот.

По три одиграни кола Украина е убедливо прва со максимални 9 бодови, пред Македонија која досега собра 5. По нашата селекција следуваат Белгија со 3 и Хрватска со 1 бод.