Чекањето за Гвардиола и Манчестер Сити заврши вечерва, Граѓаните по прв пат во историјата со титула во Лигата на Шампионите.

Она што пред две години не им успеа на ,,Драгао”   вечерва го исполнија на ,,Ататурк” стадионот во Истанбул, и ги запишаа нивните имиња во историјата на клубот.

Победничкиот погодок вреден европска титула беше дело на Родри, кој во 68-та минута го матираше одличниот Онана.

Најголемата шанса за изедначување ја имаше Лукаку кој во 87-та минута од пет метри не успеа да го совлада Едерсон.

Манчестер Сити на патот до титулата ги елиминираше Лајпциг, Баерн и Реал Мадрид и сосема заслужено ја освои титулата.

За Пеп Гвардиола ова е трета титула во најелитното клупско натпреварување.