Целта на фудбалерите на Манчестер Јунајтед не е да ги спречат фудбалерите на Манчестер Сити да ја освојат „тројната круна“ оваа сезона, туку тие да го освојат трофејот во ова натпреварување, вели тренерот на тимот од „Олд Трафорд“, Ерик тен Хаг.

„Да бидам искрен, малку ми пречат тие приказни за тоа како сакаме да го запреме Сити во нивната потрага по „тројката“. Важно е од кој агол гледате и како ги презентирате работите. Ни претстои голем тест, ние играме против врвен тим, но сакаме да ги израдуваме нашите навивачи. Играме на „Вембли“, веројатно најдобриот стадион во светот, и сите сме многу мотивирани да триумфираме“, вели холандскиот стручњак.

Манчестер Јунајтед во тековната сезона не започна како што се очекуваше, многу се мачеше, но со одличните игри во 2023-та година успеа да го подобри впечатокот и да избори пласман во Лигата на шампионите.

„Премиер лигата е најсилното натпреварување во Европа и кога ќе завршиш на третото место треба да бидеш задоволен, особено за нас кои имавме големи проблеми во текот на целата сезона. Покрај тоа, успеавме да го освоиме Лига купот и сега сме во ситуација кога против актуелниот шампион се бориме за уште еден трофеј. Мислам дека можеме да бидеме задоволни од се што направивме досега“, истакнува Тен Хаг.

Натпреварот кој ќе го реши новиот победник на второто најважно натпреварување во Англија се игра денеска со почеток од 16:00 часот на „Вембли“.