Екипата на Цедевита Олимпија го победи белградски Партизан и се избори за „мајсторка“. Во вториот натпревар од полуфиналната серија на АБА лигата одигран во Љубљана популарните „змајчеки“ ги совладаа црно-белите со 95:83 и го израмнија резултатот на 1-1 во победи.

Домашниот тим ги доби првите три четвртини (29:26, 22:15, 22:19), а во последните пет минути од вториот дел, со серија од 16:4 повторно се одлепи на двоцифрена разлика. 

Избраниците на Жељко Обрадовиќ брзо се вратија во игра и намалија на 53:51. Но, кога се чинеше дека гостите ќе направат пресврт, повторно следеше серија на домаќини, овојпат во режија на Матеј Ребец и Мирко Мулалиќ, за точка да стави Зоран Драгиќ со прецизен удар од далечина.

Американецот, Фарел беше најдобар поединец на оваа средба постигна 21 поен со осум скока и седум асистенции, Драгиќ реализира 12, а Едо Муриќ и Ален Омиќ додадоа по 10.

Во тимот на Партизан се истакна Кевин Пантер со 24 поени, а го следеа Данте Ексум со 16 и Џејмс Нанели со 14 поени.

Решавачкиот трет натпревар ќе се игра во Белград во вторник (6 јуни), а победникот од „мајсторката“ ќе го даде противникот на Црвена звезда во финалето.