Возбудувањата и бројните инциденти што ги одбележаа двете тренинг сесии низ улиците на Монте Карло се одлична најава за денешните квалификации, но и утрешната трка во Формула 1 првенството што ќе се вози за Големата награда на Монте Карло.

На првата тренинг сесија која беше прекината на 4.минути пред истекот, најбрзо време постигна Карлос Саинц пред Алонсо и Хамилтон.

Актуелниот светски шампион Макс Ферстапен од Ред бул имаше најбрзо време на втората сесија. И таа заврши предвреме откако токму Саинц со своето Ферари ја закачи бариерата и го оштети сериозно болидот иако во поголемиот дел од сесијата се бореше за првото место.

Тоа го искористи Ферстапен заврши со предност од само 0.065 секунди пред вториот возач на Ферари, Шарл Леклер, а Саинц заврши на третото место пред Фернандо Алонсо од Астон Мартин, додека Луис Хамилтон во целосно преуредениот Мерцедес беше само на шестото место. Новиот Мерцедес сега има нова предна суспензија, крила и под.

Ландо Норис со својот Мекларен беше импресивен и стигна до петтото место, Серхио Перез беше на седми, а најдобрите десет ги комплетираа Ботас, Гасли и Окон.

Квалификациите на програма се денеска од 16.часот, додека трката е утре од 15.часот.

За потсетување минатата година на дождливата патека во Монте Карло до победата стигна Чеко Перез од Ред Бул, пред Саинц од Ферари и Ферстапен.

Томислав Атанасовски