Дамјан Стојчевски е еден од младите таленти во кик-боксот. Tој е член на КБК Работнички Адора, државен првак во јуниорска конкуренција во две категории, дисциплините „лоу-кик“ и „кил-лајт“

На своите 13 години Дамјан ја започнува својата кариера во клубот ПроКик Фемили, а потоа преминува во тимот на Работнички Адора каде ги има најголемите успеси. Работнички Адора е клуб кој успешно работи четири години и е меѓу најсовремените и најдобри екипи во регионот за тренинзи на професионалци и рекреативци.

,,Тренирам во КБК Работнички Адора и многу сум задоволен од атмосферата што владее во тимот и поддршката која ни ја даваат нашите тренери”,вели Дамјан.

Дамјан истакна дека неговите тренерите Димитар Ѓорѓиев и Филип Митровски имале најголема улога во неговата кариера.

„За мене, интересот за кик-бокс започна кога бев околу 10 години.
Започнав да гледам кикбокс борби на телевизија и веднаш бев фасциниран од тоа како борците ја контролираат својата сила и техниката за да го победат противникот. Оттука започнав да гледам повеќе и повеќе борби, и почнав да учам за правилата, техниките и стиловите на различните борци.
Секоја нова борба што ја гледав, го зголемуваше мојот интерес и ме поттикнуваше да се запознаам со спортот уште повеќе“, истакна Дамјан.

Како негова најголема инспирација го посочи неговиот татко кој му дава неизмерна поддршка во текот на тренажниот процес и го мотивира да продолжи да остварува успеси во овој спорт.

„Со поддршката што ја добивам од мојата фамилија успеав да стигнам до тука и ме мотивира за поголеми успеси“, вели Дамјан.

На прашањето како реагираат луѓето кога ке дознаат дека тренираш кик-бокс, ни одговори дека реакциите се позитивни и повеќето од нив сакаат да дојдат со него на тренинг и видат како изгледа еден кик-бокс тренинг.

Дамјан го опишува својот тренинг како комплексен и динамичен процес, каде што започнува со згревање и ставање на опрема, работи на “фокусери“ и човек на човек, и се фокусира на вежби за сила и кондиција. Завршува со истегнување, што помага да ги опуштат мускулите и да се подготви за следниот тренинг. (Фокусери се уреди за тренирање на кои кик-боксерите можат да изведуваат удари или да ги тренираат своите техники за реакција).

На домашната сцена, Дамјан е државен првак во две категории, а на меѓународната има освоено бронзени медали на Балканско првенство и Европскиот куп, кои ги издвојува како неговите најголеми успеси.

Стојчевски како претставник на својот клуб, учествуваше на Балканското првенство што се одржа во Србија, на кое настапија повеќе од 200 натпреварувачи од Македонија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Словенија и Турција.

ММА борецот, Александар Волкановски кој е еден од најдоминантните борци во својата категорија е негов идол.

Но, не е само кик-боксот дел од животот на овој млад спортист.

„Освен кик-боксот, во слободното време уживам во дружење со фамилијата и пријателите.
Исто така, многу ми се допаѓа да возам моторцикли на четири тркала низ убавините на Македонија, каде што можам да уживам во природата и да се опуштам“,
ни вели весело Дамјан.

Дамјан посочи дека постојано е во форма за да биде подготвен за следните предизвици, а неговите идни планови се освојување на медали на Европски и Светски првенствата.