Многумина посакуваа актуелниот англиски првак Манчестер Сити и европскиот првак Реал Мадрид да ги гледаат во финалната борба за трофејот во Лигата на шампионите но тоа нема да се случи. Еден од овие два тима својот настап ќе го заврши во полуфиналето. Кој ќе биде тоа ќе дознаеме вечерва по реваншот што ќе се игра во Манчестер.
Тренерот на сити, Пеп Гвардиола зад себе има бројни вакви натпревари и добро знае што е најпотребно за да го мотивира својот тим,
„Играчите мораат да го остават срцето на теренот, но да играат со умот со цел да го победат Реал. Фудбалот има работи кои не можат да се контролираат, затоа само бидете свои им реков на моите играчи. Тоа е единствена желба за моите играчи“,
порача Гвардиола.
Коментирајќи како да се стигне до финалето Пеп одговори.
„Да знаев зошто се толку добри во Лигата на шампионите, ќе знаев и да ги победам. Имаат одлични играчи и на тоа го темелат својот успех. Она што ме плаши од Реал е дека, тие секогаш имаат неверојатен тим. Но, не можеме да размислуваме за минатото. Мораме да го одиграме најдобриот натпревар“, нагласи Шпанецот.
Дали советите на Гвардиола и неговата смислена тактика ќе вродат со плод останува да видиме по натпреварот што ќе се игра на стадионот „Етихад“ во стандардниот термин од 21 часот.