Спектаклот на преполниот Џузепе Меаца му припадна на Интер кој уште еднаш покажа дека е поквалитетен тим од градскиот ривал Милан и сосема заслужено ќе игра во големото финале на Лигата на Шампионите, прв пат по пауза од 13 години.

Натпревар во кој видовме два различни полувремиња, едно спектакуларно прво и нешто послабо второ полувреме, заврши во полза на домаќините, кои со минимални 1:0 дојдоа до втора победа во оваа полуфинална пресметка и со вкупни 3:0 се пласираа во финалето.

Милан долго ќе жали за пропуштената шанса на Брахим Диаз во 11-тата минута, кога во ситуација 1 на 1 со Онана, не успеа да го совлада противничкиот голман.

Во првиот дел видовме многу интензитет, квалитетна игра и шанси на двете страни, а нова голема шанса за Милан пропушти Рафаел Леао во 35-тата минута, кога од одлична шанса шутираше непрецизно. Најголемата шанса за Интер во првиот дел ја имаше Един Џеко, кога по нафрлена топка беше највисок во шеснаесетникот и силно шутираше, но Манњон одлично одбрани, па на полувреме отидоа со почетните 0:0.

По одличното прво полувреме, иако се очекуваше уште посилно второ, сепак Симоне Инзаги со тактичката поставеност ја умртви играта и буквално не му дозволи на противникот да тргне во офанзива.

Милан делуваше бледо а наместо да напаѓа, често беше принуден да се брани. По една одлична акција, Лаутаро и Лукако проиграа во шеснаесетникот, па Аргентинецот од непосредна близина со прецизен и силен шут го совлада Манњон за ,,Ерупција” на стадионот Џузепе Меаца.

По примениот гол, гостите немаа сили за ништо повеќе па со уште еден пораз претрпеа елиминација во полуфиналето на Лигата на Шампионите.

За Интер ова е прво европско финале по она во 2010, кога со Мурињо и Пандев во тимот ја освоија титулата со победата над Баерн во финалето.