Рајо Ваљекано и нашиот Столе Димитриевски претрпеа пораз на гостувањето кај Бетис и останаа надвор од зоната за Европа.

Гостите почнаа одлично и веќе во втората минута имаа две големи шанси за гол преку Алваро Гарсија и Иси Палазон но Калудио Браво и стативата не дозволија рано водство.

Казната за неискористените шанси стигна само три минути подоцна. Најпрвин Столе Димитриевски одбрани колосална шанса во која се најде Вилиам Карваљо, а топката заврши во корнер. По изведениот корнер, топката се одби до Јусуф Сабали кој со прекрасен шут го остави немоќен Македонскиот чувар на мрежата на Рајо и донесе водство за Бетис.

Рајо имаше повеќе од играта, напаѓаше, создаваше шанси но немаше среќа, па по стативата на Иси Палазон во втората минута, истиот играч ја затресе конструкцијатa на голот и во 13-тата минута, но мрежата на Браво мируваше.

Наместо изедначување, домаќините во финишот на првото полувреме дојдоа до поголемо водство. По добро изведен корнер, Вилијам Хозе ја префрли топката преку себе а Ајозе Перез го совлада Димитриевски за водство од 2:0.

Надеж за гостите во вториот дел донесе Санти Комесана кој од десетина метри со одличен удар го совлада Клаудио Браво, за намалување на негативата на 2:1.

Најголемата шанса за изедначување ја имаше  Трехо кој во 61-та минута со удар од далечина ја погоди пречката на голот на Браво.

По сите пропуштени прилики, казната стигна во финишот кога Хоакин додаде а Борха Инглесиас по трет пат го матираше Столе Димитриевски за конечна победа на Бетис од 3:1.

Со оваа победа Бетис е на шестата позиција со 55 бода, додека Рајо останува на 46 и 11 место.