Старата Дама одигра одличен натпревар и славеше важна победа на тешкото гостување кај Аталанта, со што се проби на втората позиција на табелата.

Дербито на денот во италијанската Серија А, се играше во Бергамо, каде трето пласираниот до ова коло Јувентус, гостуваше кај шестопласираната Аталанта, која пред овој натпревар имаше три победи во низа.

Откако првото полувреме помина без голови и некои посериозни шанси, во второто полувреме сликата беше поинаква. Интензитетот на игра беше многу посилен, со доста шанси  на двете страни а видовме и два гола.

Најпрвин младиот Англичанец, Самуел Илинг Џуниор во 56-тата минута со својот дебитански погодок донесе предност за Јувентус.
Двајцата тренери направија неколку измени, по што финишот на натпреварот беше уште поквалитетен.

Домаќините најблиску до изедначување беше во 88-та минута кога Запакоста ја погоди стативата од голот на Шчесни.
Во самиот финиш, српскиот напаѓач, Влаховиќ, со вистински проектил зголеми на 0:2 и го реши прашањето на победникот.

Јувентус со 66 бода сега е на втората позиција, додека пак Аталанта остана на 58, што е доволно за шестата позиција.