Ракометарите на Македонија забележаа победа на гостувањето над Луксембург со 28:23 (14:12). Нашата репрезентација имаше проблеми во првиот дел кога противникот пружи силен отпор. Со оваа победа Македонија е пред промоција и пласман на уште едно Европско првенство бидејќи има два бода повеќе од Турција во борбата за второто место, а токму Турција е ривал во последното коло од групата 1 од квалификациите во Скопје.

Почетокот на дуелот беше во знакот на нападот на Луксембург и во 10.та минута Луксембург водеше со 6:4. Нашата репрезентација првото водство го имаше во 13.та минута по серијата од 3-0 кога најпрецизен беше Филип Талески. Сепак домаќинот повторно поведе, но во 23.та минута повторно имаше водство кое не го испушти до крајот на дуелот.

На стартот од вториот дел македонската репрезентација одржуваше водство од 2-3 голови разлика, а заслуги за тој резултат имаше и голманот Кизиќ, кој имаше неколку сигурни интревенции. Во последните десет минути Македонија влезе со предност од седум голови (25:18). До крајот на натпреварот домашната репрезентација само успеа да го намали нашето високо водство. Најефикасен кај Македонија беше Талески со 8 голови, додека Кизиќ имаше 10 одбрани. Во репрезентацијата на Луксембург најпрецизен беше Лиок Кајесен со 10 голови, а голамнот Херман имаше 13 одбрани.

На вториот дуел од групата 1 – 5.коло Португалија ја победи Турција како гостин со 37:35. Португалија е прва со 10 бодови, Македонија има 6, Турција 4, а Луксембург е без бод.