Во натпревар од 30-тото коло на шпанската Ла Лига, Реал Сосиедад со пресврт успеа да го совлада Рајо Ваљекано на нашиот Столе Димитриевски со 2:1 и дојде на чекор поблиску до пласман во Лигата на шампионите следната сезона.

Првиот дел на натправарот го одбележа тврда игра и тактичко надмудрување на средината, која не донесе речиси никакви возбудувања, па резултатот на полувреме остана оној почетниот, 0-0.
Сите голови на натпреварот паднаа во второто полувреме.
Резултатот го отвори Иси Паласон, кој ја искористи грешката на Џон Пачеко во 57-та минута и го доведе Рајо Ваљекано во водство од 1:0.
Реал Сосиедад израмни по само 2 минути во 59-та минута со голот на Александар Серлот по одличното нафрлување на Ајхен Муњоз.

Пресвртот и победата на избраниците на Иманол Алгуасил дојде по автогол на дефанзивецот на Рајо Ваљекано, Флоријан Лежен, во 81-та минута.
На овој голот му „кумуваше“ и лошата проценка на летот на топката на нашиот репрезентативен голман, Столе Димитриевски.

Реал Сосиедад останува на 4-та позиција со 64 бодови, 6 помалку од третопласираниот Атлетико Мадрид и 6 повеќе од екипата на Бетис на која и гостува следното коло, додека Рајо Ваљекано е во средината на табелата на 9-то место пред натпреварот со лидерот Барселона на домашен терен.