Македонскиот првак МЗТ Скопје Аеродром по само една мината сезона во прволигашката АБА конкуренција, се враќа на старо.

Бадијала излезе вчерашната победа над Цибона, со кој барем за неполн ден траеја надежите на аеродромци за избегнување на последното место на табелата што води во понизок ранг односно АБА2 лигата.

Имено, од она што се стравуваше тоа и се исполни. Натпреварот во Подгорица, во кој Будуќност го пречека Борац Чачак, заврши со победа на српскиот претставник со два поени разлика 87-85 .

Така тимот на Борац со ист „скор“ како и МЗТ (7 победи и 19 порази), но добивајќи ги двата меча со нашиот шампион, заври на претпоследното место на табелата и се спаси (засега) од испаѓање.

МЗТ Скопје пак ќе може уште долго жали за неколкуте пропуштени шанси за победа повеќе, па ќе бара некоја друга сезона (не наредната) да се врати во елитната конкуренција на АБА лигата.