Дисциплинската комисија на Серија А соопшти дека фудбалскиот клуб Јувентус е казнет со делумно затворање на стадионот на следниот натпревар, поради расистичките навреди кои домашните навивачи му ги упатија на играчот на Интер, Ромелу Лукаку, пренесуваат италијанските медиуми.

Лукаку беше расистички навредуван за време на првиот натпревар од полуфиналето на Купот на Италија, откако постигна гол од белата точка.

Белгиецот во истиот меч во финишот заработи црвен картон, во тепачката во која беа вклучени и стрелецот на Јуве, Квадрадо и голманот на Интер, Хандановиќ, кои исто така заработија црвени картони.

Серија А одлучи да го затвори долниот дел од јужната трибина на стадионот „Алијанц“ за првенствениот натпревар против водечкиот на табелата Наполи кој е блиску до „Скудетото“, меч што ќе се игра на 23 април.

Инаку, реваншот од полуфиналето на „Кпоа Италија“ меѓу Интер и Јувентус е закажан за 26 април во Милано.

Во вториот полуфинален натпревар Фиорентина победи против Кремонезе со резултат 2:0.