Фудбалерите на Манчестер Сити ја продолжија серијата од 11 натпревари без пораз во Премиер лигата откако денеска во дербито на колото и прв дуел од 29.та рунда го совладаа големиот ривал од последните две сезони Ливерпул со 4:1 (1:1).

Победата е уште позначајна особено ако се знае фактот дека „граѓаните“ дуелот го одиграа без првиот стрелец на лигата Халанд (28 голови), а со новите три бодови се намали разликата со водечкиот Арсенал. Арсенал има 69 бодови, а Манчестер Сити 64.

Инаку, почетокот на натпреварот не навестуваше ваков исход откако Ливерпул по една контра поведе во 17.минута преку Мохамед Салах. Истиот фудбалер десет минути подоцна беше во контра, но со лоша завршница. Во следниот напад Манчестер Сити изедначи преку Хулиан Алварез. Со тој резултат заврши и првиот дел

На стартот на второто полувреме Кевин Де Бруин постигна гол за водство од 2:1 (46.минута), а капитенот Илкај Гундоган го постигна третиот гол за својот тим во 54.минута. Конечните 4:1 ги постави Џек Грилиш во 74.минута.

Ливерпул со денешниот пораз ги намали шансите да стигне до четвртата позиција на табелата и пласман следната сезона во Лигата на шампионите.