Најинтересниот и најнеизвесниот натпревар се одигра во Подгорица, каде се сретнаа Црна Гора и Србија.
Во одлична атмосфера и одлични кореографии надополнети со транспаренти, подобро се снајдоа гостите, репрезентацијата на Србија, кои со двата гола на Влаховиќ се радуваа на победата

Први се заканија домаќините преку Игор Вујчиќ кој во 11 минута по добар центаршут се закани со глава а неговиот удар отиде неколку милиметри над голот.

Гостите својата прва голема шанса ја имаа во 29-тата минута преку Александар Митровиќ, но тогаш неговиот удар заврши од надворешниот дел на десната статива.

Се играше променливо а нешто поголема инцијатива имаше Србија, но на висина на задачата беа одбраните па така се до 78-та минута мрежите мируваа. Токму во 78-та минута Филип Младеновиќ упати добар центршут по земја во противничкиот шеснаесетник а топката ја дочека Душан Влаховиќ кој со одлична реакција донесе предност за својата репрезентација.

Црна Гора немаше друга опција освен со сите сили да тргне во напад и лов на барем еден бод, но гостите одлично се бранеа. Во самиот финиш на натпреварот во молневита контра Саша Лукиќ изби сам пред противничкиот голман, но неговиот удар во последен момент беше блокиран.

Сепак среќно топката се одби во неговите нозе, кој овој пат наместо да шутира се реши да проигрува, и не згреши. Топката дојде до Душан Влаховиќ кој повторно мајсторски реализираше за нова радост на гостинските навивачи и конечни 0-2 за големи три бода.