Јувентус и Сампдорија синоќа одиграа интересен натпревар со шест погодоци, а на крајот Старата Дама се радуваше на победата со 4-2.

Иако Јувентус постигна дури четири погодоци, ниту еден од нив не беше дело на првиот напаѓач на клубот, Душан Влаховиќ, кој промаши пенал и уште неколку отворени шанси. Влаховиќ игра во лоша форма, па на последните пет натпревари во Серија А не успеа да се запише во листата стрелци.

По натпреварот Влаховиќ беше видно разочаран, а му пријде неговиот сонародник, Дејан Станковиќ, тренерот на Сампдорија кој го тешеше младиот напаѓач.
Во изјава за медиумите Станковиќ зборуваше во суперлативи за српската ѕвезда потенцирајќи дека се работи за врвен напаѓач кој брзо ќе ја пронајде формата.

,, “Душан е одличен напаѓач. Минува низ тежок период. Разговарав со него како татко со син. Згора на тоа, тој е на иста возраст како мојот најстар. Не смее да се откаже, тој е врвен напаѓач. На оваа возраст, кариерата може буквално да полета и тој мора да се одржи на врвно ниво. Ќе најде континуитет, ќе го скрши мразот“, рече Станковиќ.

Влаховиќ оваа сезона на 17 натпревари во Серија А има само 8 погодоци и е далеку од посакуваната форма, меѓутоа навивачите на Јувентус се уште имаат голема доверба во Србинот за што сведочи и поддршката после натпреварот против Сампдорија.