Македонскиот кошаркарски шампион МЗТ Скопје Аеродром денеска прославува 57-години од своето постоење.

Во своето речиси шест децениско постоење, тимот мина во многу убави и тешки моменти, но секако еден од оние кои вечно остануваат во меморијата на играчите, раководствата, а пред се фановите на овој клуб, е легендарната победа во тогашната „Лименка“ над големиот Реал Мадрид. 

Потсетувајќи се накратко на својата историја, од таборот на МЗТ во објавата на својот Фејскук профил напишаа:

Денеска е ептен убав ден, сино-белото семејство го прославува 57. роденден на нашиот и ваш МЗТ Скопје Аеродром. Зад нас се скоро шест децении од моментот кога во 1966 година група ентузијасти, предводени од првиот претседател Миле Меловски, решија дека е време за формирање кошаркарски клуб со името Скопје. Оттогаш, во нашите витрини завршија шест титули во македонската лига во рамките на СФР Југославија, девет шампионски „прстени“ во самостојна Македонија и 11 трофеи од Купот на Македонија. Период во кој низ сино-белиот дрес минаа стотици репрезентативци, илјадници кошаркари од сите возрасти, а зад нив секогаш стоела армија верни навивачи. МЗТ Скопје Аеродром одамна е синоним за македонската кошарка, со настапи во Еврокупот и АБА-натпреварувањата во последната деценија. А тоа, без разлика на „возраста“, ни дава само дополнителен мотив да продолжиме со исто темпо и со идентична глад за трофеи.

Пред МЗТ Скопје, претстојат големи предизвици, а еден од нив е опстанокот од АБА лигата. Аеродромци во недела од 12 часот на гостински терен го играат натпреварот од 22.коло против Мега.