Репрезентацијата на Португалија е следен ривал на ракометарите на Македонија, а дуелот ќе се одигра утре (9.март) во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје.

Дуелите на двете репрезентации секогаш носеле многу неизвесност. Португалија на последното Светско првенство заврши на 13.то место, но нивните амбиции беа поголеми.

Португалците во Скопје доаѓаат како фаворити, тие не го кријат тоа и дека посакуваат групата со Македонија, Турција и Луксембург да го завршат на првото место.

„Ова е уште една можност да ја покажеме нашата вредност, да ја претставуваме нашата земја, имаме многу јасна цел, а тоа е да победиме во двата натпревара за да го освоиме првото место во групата. Сите сме убедени дека тоа е можно, имаме квалитет и едноставно работиме на тоа. Македонија е многу комплициран тим – имаат многу традиција – можеби сега не се во најдобра форма, но знаеме дека секогаш е тежок ривал, особено дома. Некои од нас веќе имаат играно таму и знаеме дека секогаш е комплицирано, ќе направиме се за добар резултат“, изјави португалскиот репрезентативец Диого Силва.

Натпреварот Македонија – Португалија во четврток почнува во 19 часот го судат Марко Боричиќ и Дејан Марковиќ од Србија. Истите две селекции дуелот од 4.коло од групата ќе го одиграат во недела во Португалија.