Во дербито на колото во Италијанската Серија А, помеѓу лидерот на табелата Наполи и петтопласираниот Лацио, гостите од Рим славеа значајна победа со 0-1 и се искачија на втората позиција.
Стрелец на единствениот и победнички погодок за Лацио беше Матијас Весино, кој во 67-та минута со вистински проектил од далечина го остави немоќен чуварот на мрежата на Наполи, Алекс Мерет.
Македонскиот репрезентативец во редовите на Наполи, Ељиф Елмас во игра влезе во 71-та минута, кога Спалети направи неколку измени со цел да се обиде да се врати во игра. Најголемата шанса за ,,Наполетанците” на натпреварот ја имаа Виктор Осимен кој во 79-тата минута со глава ја погоди пречката и Џовани Ди Лоренцо кој од непосредна близина не успеа одбиената топка да ја претвори во гол откако Проведел одлично одбрани.
До крајот на натпреварот најголемото возбудување беше пред голот на Мерет, кога Милинковиќ Савиќ од слободен удар ја погоди десната статива од голот на италијанскиот голман, па резултатот остана истиот од 67-та минута, 0-1.
Со овој пораз Наполи ја прекина одличната серија од 9 победи во низа и остана на 65 бода. Лацио пак врза трета победа по ред и со 48 бода се проби на втората позиција каде ќе биде барем до утре и натпреварот на Фиорентина и Милан.