Ракометниот суперлигаш Бутел ја постигна првата победа во Супер лигата откако вечерва во рамките на 4.коло го совлада Тиквеш со 28:24 (14:9). За кавадарчани пак ова беше прв пораз во Супер лигата. Јунак на триумфот е голманот на Бутел Бојан Блажевски, кој натпреварот го заврши со 17 одбрани, од кои три седмерци.

Бојан Блажевски (РК Бутел)

Почетокот на дуелот беше изедначен и гостите последен пат водеа со 5:4. По ова следуваше серијата од 8-1 за тимот на Бутел и водство од 12:6 кое на крајот од дуелот ќе се покаже решавачко. Пресвртот бутелчани го најавија со серијата одбрани на Блажевски и реализацијата на десното крило Спасовски.

Тимот од Кавадарци се обидуваше да ја намали разликата, но избраниците на тренерот Данило Брестовац тешко успеваа пред се поради грешките кои ги правеа. Сепак во последните десет минути негативата беше „спуштена“ на четири гола (23:19), откако претходно Бутел водеше со +7 (20:13 и 22:15). Во тие минути со неколку одбранети зицери Блажевски само ја завери победата, а со головите Мирко Мајиќ разликата повторно стана недостижна за гостите.

Најефикасни на дуелот беа: Бојан Спасовски кај Бутел со 8 и Страхиња Симиќ кај Тиквеш исто така со 8 голови.